0

Археологија,Архитектура,Етнологија,Изложба,Историја,Културно наследство,Настани,Општество,Политика,Религија,Туризам,Уметност

Музејот на холокаустот во Еврејското маало

На 10 март 2011 во Скопје свечено беше отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, кој по Израел, Вашингтон и Берлин е четврт таков од овој тип во светот. Со сите почести како што доликува на еден ваков настан, со гардиска придружба и воена церемонија, беа пренесени трите урни од Штип, Битола и Скопје во кои се наоѓа пепелта од Евреите со потекло од Македонија, а кои биле погубени во Треблинка за време на Втората Светска војна.

Оваа приказна е дел од нашата современа историја и се уште постојат живи луѓе кои се сеќаваат на настанот од 1943 година кога ноќта на 11 Март точно 7.144 македонски Евреи или 98 % од еврејската популација што дотогаш живеела во Македонија, се депортирани и убиени во нацистичкиот логор Треблинка, во Полска. Во овој логор се смета дека се погубени околу 850.000 Евреи за време на WW II, а според информаците на кустосите од музејот, само 10 луѓе успеале да се вратат во Македонија. Во спомен на сите нив, новата музејска зграда посветена на Холокаустот и спонзорирана од Владата на Република Македонија, никна на местото од старото Еврејско маало, каде претходно беше извршена денационализација на имотите, бидејќи Македонија е една од ретките земји која ги има решено имотно-правните односи на Евреите.

Во моментот кога ќе го поминете Камениот мост во Скопје, па се до почетокот на Старата скопска чаршија, делот под Скопското кале со децении бил познат како Еврејско маало. Ова маало се наоѓало во продолжение на Пајко маало, за што сведочи еден натпис кој се уште постои на зградата во која денеска е сместен Факултетот за музичка уметност. Никогаш не ја разбрав мојата баба која го паметела како изгледа еврејското маало пред Втората Светска војна, дали куќите на Евреите се познавале по тоа што во дворот имало, или пак немало засадено дуња?!

Еврејското маало со текот на вековите постепено го менувало својот изглед, дополнувајќи го екстериерот со кафеани со бавчи, голем број приватни куќи, училиште, а помеѓу 1921-1927 на брегот од Вардар се гради Народниот театар кој за жал ќе падне за време на земјотресот од 1963 година и моментално е во реконструкција. Жителите на Скопје кон маалото минувале преку неколку моста. Главен бил денешниот Камен мост, како и т.н. дрвен мост кој според сегашната местоположба бил лоциран помеѓу Камениот и мостот на Гоце делчев, т.е. директно излегувал на театарот. По настанот од 1943 година, Еврејското маало полека замира и го губи својот идентитет, кога неговите жители се депортирани во Полска. Подоцна целото место е комплетно урнато и Скопјани за време на социјализмот оваа маало го паметат по тоа што тука се наоѓаше прчварницата од меѓуградска автобуска станица, на чие место во 2011 год. се изгради Музејот на Холокаустот.

 

Меморијалниот центар на холокаустот
на Евреите од Македонија, Скопје

Музејската зграда на Холокаустот именувана како Меморијалниот центар, е составена од две крила со по три спрата, од кои за почеток беше отворено само левото, додека другото крило е се уште во изградба. Во него е сместена постојана изложба со детален приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. На приземјето, веднаш откако ќе влезете, поместени се фотографии на депортираните Евреи во интересно музејско опкружување, еден агол од просторот е отстапен на урните со пепел од Треблинка, а во продолжение се наоѓа сала за проекции и сувенирница. Како сеќавање на трагичното патување во логорот на смртта Треблинка во едно катче од приземјето, поставен е еден од железничките вагони со кои биле одведени во смрт околу 7200 Македонски Евреи. Вагонот е оригинален, донесен од Софија, и служи како сведоштво да не потсети на една злокобна мартовска ноќ во 1943 година. Continue Reading »

0

Археологија,Архитектура,Историја,Општество,Отомански период,Религија,Уметност

Кулието во Скопје

Отоманската архитектура е архитектура на Отоманската империја. Како туристички водич честопати имам можност на туристите кои ја посетуваат Македонија да им го покажувам културно богатство кое останало како наследство од оваа огромно царство. Исламската култура забранила било какво сликарско и вајарско претставување на светите и живите суштества, но затоа оставила монументална архитектура која во Скопје е особено видлива во стариот дел од градот. Поради присуството на исламски објекти кои го издржале палењето на генералот Пиколомини во 1689 година, како и земјотресот од 1963 година, стариот дел познат и како Стара Чаршија, уште во средновековието добил ориентален изглед.

Како типичен пример од подигнувањето на градбите од профан и сакрален карактер кај древните Турци останале комплексите означени како кулие (кülliye) во чиј состав имало џамија, карвансарај (преноќиште), медреса (средно училиште), имарет (јавна кујна), мектеб (основно училиште), турбе (мавзолеј, гробница) и амам (јавна бања). Тоа впрочем бил и најлесниот начин да се шири исламот како религија. Многу често терминот кулие се меша со имарет или јавна кујна, која била веројатно еден од најголемите објекти во ракмите на овој комплекс, каде гравитирале најмногу луѓе. Така на пример Имаретот во стариот дел на Кавала, е еден архитектонски комплекс околу чие јадро изникнале станмбени населби, па во таа смисла овој термин би можел да се тертира на рангот од старите агори и форуми, бидејќи тука се случувале важни содржини, вклучувајќи ја културната, религиозната и трговската политика на едно место, град или држава.

Еден од најинтригантните делови на Старата чаршија која во 2008 година беше комплетно ставена под Законот за заштита на културно наследство, се наоѓа на потегот помеѓу Скопското Кале и Бит Пазар, каде некогаш живееле занаетчиите кои работеле во дуќаните наоколу. Според архитектонските остатоци, овој простор ми даде идеја да претпоставам дека на ова место во време на Отоманскиот период најверојатно се наоѓало скопското кулие. Од овој отомански архитектонски амбиент денеска останале само Мустафа-Пашината Џамија (1492), Куршумли-Ан (1549-50) надобро сочуван ан кој се наоѓа во склопот на Музејот на Македонија со кој овој дамнешен комплекс е пресечен во ’70 години од 20 век, како и Шенѓул Амамот, кој е лоциран веднаш до Куршумли Ан и чии остатоци се се’ уште видливи.

Туристите се најчесто заинтересирани да ги дознаат обичаите кои се практикувале во овие културно-историски споменици. Па се додкеа не почнаа реставраторските зафати во 2007 година, заедно влегуваме во Мустафа-Пашината џамијата каде прво се мијат од шадрванот (чешмата), оти муслиманскиот обичај го бара тоа од своите верници, а доколку сакаат можат да се помолат во една од најубавите и најимпозантните џамии во Македонија. Потоа се спуштаме до Куршумли Ан кој своето име го добил од турскиот збор kursunlu, кој на македонски значи ‘оловен’, поради оловниот покрив со кој бил покриен. Влегуваме низ малото вратниче вгнездено во огромната дрвена двокрилна врата и се движиме низ тремовите на отвореното двориште кое денеска претставува лапидариум за археолошки камени споменици од антиката до средниот век.

Овие споменици на културата во Македонија се извонреден пример за ‘живо’ културно наследство, бидејќи некои од нив се уште се користат во својата оригинална намена, или пак стекнале ново културно значење и функција. Опстоиле многу векови и во нив се вткаени приказните од времињата дамнешни раскажувајќи ни за почитувањето помеѓу религиите како дел од една култура и традиција која се уште опстојува во Република Македонија.

Со овој пост всушност ја промовирам книгата ‘Седум споменици на културата во Скопје и Скопско‘ на англиски јазик, чија промоција набрзо ќе се случи. Благодарност до Гордана Велков од здружението Македонида, за одредени сугестии во врска со отоманската архитектура во Скопје.

0

Археологија,Архитектура,Културно наследство,Религија

Надгробните споменици како културно наследство – случајот со Таор

Откако постојат градовите, постојат и некрополите, кои го означува градот на мртвите луѓе кој вообичаено се наоѓал надвор од местото на живеење. Како што се вели во шега, сите археолози најмногу од се сакаат да копаат гробови. Но тоа не е поради нивната чудно извртена смисла за хумор, туку поради факот што гробовите претставуваат непроценливо богат извор за една цела палета на информации. Така по некој специфичен предмет и прилог може да укажат на потеклото на умрениот, неговата професија, а меѓу другото и социјалниот статус. И во минатото (како и денеска) луѓето кога умираале се погребувале според своите обичаи. Секој човек со себе си носел магија на културата, печат на времето и симбол од местото од каде што доаѓал. Ако уште во гробот се наоѓала и монета (а во минатото било вообичаено во секој гроб на починатиот да се остава монета), тоа претставува еден несоборлив доказ за прецизно датирање на археолошките наоди.

Од мојот пост
Зошто археолозите сакаат да копаат гробови?

Но што ќе се случи ако немаме археолошко ископување и увид во наодите од гробовите, туку за нив сведочат само надгробните споменици?

За голема несреќа по науката и археологијата, некрополата на античкиот Тауресиум лежи под денешното село Таор, додека денешната некропола се наоѓа веднаш до самиот локалитет. Поточно, за да се стигне доТауресиум, мора да се помине низ гробиштата на мештаните кои изобилуваат со необични надгробни споменици кои се наоѓаат вгнездени помеѓу современите гробови. Овие интересни споменици се прилично обраснати со вегетација, а со оглед на благата падина на која се простираат, може да се увиди дека им припаѓаат на постари културни слоеви.

Кај луѓето од селото постои предание оти овие гробови се римски, што можеби потекнува од самиот факт дека Тауресиум е доцноантички град и во околината вообичаено можат да се најдат римски стели. Сепак, типологијата, морфологијата и семиотиката на оваа гробна архитектура е сосема поинаква од античката, па дури и од средновековната. Досега не е познато дека истражувачите во Македонија (етнолози, археолози, историчари) се бавеле со оваа тематика, но според литературата која може да се консултира во Србија и Бугарија за ваквов тип на остатоци, постои мислење дека тие потекнуваат од 19., можеби и 18. век, а некои и од почетокот на 20 век.

Во овој почетен стадиум на истражување, не можам да бидам сигурна дали се овие надгробни споменици постари од покојниците над кој почиваат, зошто се потребни дополнителни анализи (или евентуално ископувања) да се провери дали каменот е повторно обработуван и преклесуван. Исто така не би била толку храбра како колегата Овчаров од Бугарија, за да тврдам дека некоја некропола датира од времето на темпларите.  Во секој случај вреди да се размисли околу потеклото на овие надгробни споменици и да се направат барем истражувања на локално ниво, бидејќи тие секако долг временски период биле дел од локалниот културен идентитет и во нив се вткаени примери на традиционални декоративни фолклорни традиции кои можеби не се запишани на ниту едно друго место. Преку нивната декорација и орнаментација, тие мапираат одредена територија, но се додека не се проучат научно, не можеме да бидеме сигурни дали тие ги отсликуваат локалните верувања.

Овие надгробни споменици даваат еден поинаков поглед кон иконографијата, начините на делкање на каменот во народната погребна уметност на Балканот и смислата за нивната употреба. Во надеж дека можеби ќе допринесам за малку поинаков развиток на научната мисла, објавувам поголем дел од овие надгробни споменици, да послужат како архива при некои идни истражувања.

Користена литература:

Nikolay Nenov, The gravestones as cultural heritage, Social and Spiritual Aspects of Material Culture (Collection of articles from the Conference held in Ohrid 20-22.09.08), Institute of Ethnology and Anthrpology, Faculty of Natural Sciences and Mathematics, Skopje, 2009 (eds. Svetieva, Ashtalkovska), 159-165.

Erdeljan Jelena B., Stećci – pogled na ikonografiju narodne pogrebne umetnosti na Balkanu, Zbornik Matice srpske za likovne umetnosti, 2002, br. 32-33, str. 107-120.

*     *     *

За поголема резолуција кликнете на секоја фотографија посебно. За да ја видите галеријата кликнете на следниот линк - http://pbckt.com/sA.e6O

Клучни зборови: Василка Димитровска, археологија, културно наследство, гробови, надгробни споменици, традиција, Таор, Зелениково, Балкан, Vasilka Dimitrovska, archaeology, cultural heritage, graves, graves stones, tradition, Taor, Zelenikovo, Balkans

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes